Рускиот претседател Владимир Путин е подготвен за разговор со францускиот претседател Емануел Макрон, потврди денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. Неговата изјава следи по пораката на Макрон од Брисел дека Европа мора да најде начин за обновување на директниот дијалог со Москва.
Песков потсети дека и самиот Путин неодамна изразил подготвеност за разговор и оцени дека евентуалната комуникација меѓу двајцата лидери може да биде „позитивна“ доколку постои заедничка политичка волја.
„Макрон рече дека е подготвен да разговара со Путин. Тој, исто така, на директната линија изјави дека е подготвен за дијалог. Затоа, ако постои заедничка политичка волја, ова може да се оцени само позитивно“, изјави Песков за РИА Новости, пренесува „Москва Тајмс“.
Портпаролот прецизираше дека евентуалните разговори не треба да се сведат на „држење предавања“, туку да бидат насочени кон „обид да се разберат меѓусебните позиции“. Нагласи дека Путин е подготвен „детално, искрено и доследно“ да ја објасни руската позиција.
Изјавата од Кремљ доаѓа по зборовите на Макрон, кој во Брисел на 19 декември порача дека повторното отворање на дијалог со Путин би било „корисно“ за Европа. Тој предупреди дека доколку не се воспостави директна линија со Москва, европските лидери ќе бидат принудени да комуницираат преку САД – модел што го оцени како „несовршена опција“.
Овие пораки уследија по маратонски преговори во рамки на Европскиот совет, кои траеја 16 часа и завршија без договор за конфискација на замрзнатите руски средства. На состанокот беше одлучено Украина да добие бескаматен заем од 90 милијарди евра.
Путин подготвен за разговор со Макрон
