Работилницата, како што посочуваат организаторите, се организира во рамки на проектот „Наш град“, поддржан од Амбасадата на САД во земјата и спроведуван од Здружението Кажи кога и Регионалниот центар за застапување – Делчево.
На работилницата, најавуваат оттаму, ќе присуствуваат градоначалниците на општините Аеродром и Кисела Вода, Тимчо Муцунски и Орце Ѓорѓиевски, претставници на Амбасадата на САД, жители на општините Аеродром и Кисела Вода, архитекти и претставници на граѓански организации и иницијативи.
Настанот ќе започне со куса презентација на проектот „Наш град“, а веднаш потоа следи презентација на програмата за подддршка на Амбасадата на САД во земјата, како и претставување на целите и активностите на општина Аеродром и Кисела Вода за следниот период.
– Проектот „Наш град“ како и работилницата „Јавните простори и улогата на граѓаните и општините во нивното планирање, одржување и трансформација“ целат да промовираат култура на заедништво, да поттикнат поголема ангажираност на локалното население во дискусии и акции за трансформирање на градот, општините и населбите во позелени, подостапни, пофункционални и одржливи места за живеење, како и да поттикнат доверба и отворена соработка помеѓу општинските власти и жителите, наведуваат од Здружението.
Проектот „Наш град“ се спроведува од 20 август 2021 година до 20 февруари 2022 година. Активностите на проектот вклучуваат состаноци, дискусии, работилници и слично, наменети за локалните жители вклучително и за младите во општините Аеродром, Кисела Вода и Делчево.