Активноста е дел од проектот „Градење еластични заедници за пролиферација на марихуана и синтетички дроги во училиштата“ што се реализира преку Глобалната иницијатива против организиран криминал (GIATC), а вклучени се социјалните работници и воспитно-образовните институции, со поддршка од локалната самоуправа на Кочани.

– Статистиката покажува дека употребата на дроги е зачестена и сè поприсутна кај младите, а возрасната граница се намалува. Проектот се одвива во повеќе етапи за да се анимира локалната заедница и да се подигне свеста за меѓусебна соработка на училиштата, центрите за социјални работи, центрите за јавно здравје и локалната полиција. Освен Кочани, во активностите се опфатени и општините Штип, Велес и Свети Николе, каде дел од работилниците се во завршна фаза, истакна Надица Петрова, претседател на здружението „Двојна надеж“.

Една од целите на проектот е да се креира општествена заедница која ќе биде што поотпорна на предизвиците за користење дрога, како и да се идентификуваат причините и заканите од наркозависноста.

-Иако сме свесни дека и хероинот и кокаинот се присутни на црниот пазар, сепак синтетичките дроги и марихуаната се подостапни и присутни меѓу младите, при што се создава заблуда дека се лесни дроги. Податоците со кои располагаме се фрапантни, односно ако порано долната граница била меѓу 16 и 17 години, сега се спушта на околу десетгодошна возраст на корисниците, а фреквенцијата на користење е зголемена. Најзастапени се екстази таблетите и амфетамините, кои во актуелната состојба на ковид пандемија се продаваат преку интеренет, со испорака преку пошта, што е сериозен проблем и предизвик, истакна Методи Хаџијанев, професор на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.

Во завршниот дел од проектот ќе се изработат протоколи за меѓусебна соработка за сите надлежни институции и сектори за превентивно дејствување и спречување на спуштањето на возрасната граница за користење марихуана и синтетички дроги.