Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, престојува во работна посета на германската покраина Северна Рајна – Вестфалија. Во рамки на посетата, министерот оствари средба со својот домаќин. Министерот за сојузни, европски, меѓународни работи и медиуми и шеф на државната канцеларија на покраината, Натанаел Лимински, како и со државниот секретар Марк Шпајх.

Во фокусот на разговорите беа одличните билатерални односи и динамичната соработка. Муцунски истакна дека Северна Рајна – Вестфалија е исклучително доверлив партнер на нашата држава. Како во политичката и економската сфера, така и во поддршката на европската интеграција. Тој изрази благодарност за принципиелната и континуирана поддршка од покраината.

„Оваа покраина е седиште на многу водечки германски компании и дом на бројна македонска дијаспора. Тоа ссе фактори што дополнително ги зацврстуваат нашите односи. Заеднички изразивме уверување дека оваа посета отвора ново поглавје во нашето партнерство. Ќе продолжиме со конкретни активности за унапредување на политичките и економските врски“, изјави министерот Муцунски по средбата.

Муцунски оствари и средба со Феликс Нојгарт, директор на Агенцијата за трговија и инвестиции на Северна Рајна – Вестфалија. Разговорите беа посветени на можностите за понатамошно интензивирање на трговската соработка, реализација на нови инвестиции во стратешки сектори, како и на продлабочување на партнерствата во области како што се енергетиката, туризмот, напредните технологии и дигитализацијата.

Дополнително, беа разгледани поволностите што ги нуди нашата држава за странските инвеститори, како и подготвеноста на Владата да биде активен и сигурен партнер во реализацијата на нивните проекти. Соговорниците се согласија дека постои реален потенцијал за унапредување на трговската и економската соработка во наредниот период.

Во рамки на посетата, министерот Муцунски вчера ја посети и македонската заедница во градот Солинген, каде оствари средба со бројната и активна дијаспора.