Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврдила вознемирување врз работник од ромска националност од страна на неговиот претпоставен. Инцидентот се случил при монтажа на противпожарни врати во Тетово, откако работникот запишал погрешни мерки и вратата не можела да биде поставена.
Меѓу двајцата настанала расправија во која биле употребени вулгарни зборови и навреди врз етничка основа. Работникот пријавил дека мајсторот го нарекувал „циган“, додека мајсторот тврдел дека претходно бил провоциран и наречен „шиптар“. Фирмата спровела дисциплинска постапка, им изрекла опомени на двајцата и донела правилник за заштита од вознемирување на работното место.
КСЗД сепак утврдила вознемирување и му препорачала на пријавениот во иднина да се воздржи од однесување со кое се повредува достоинството и се создава понижувачка или непријателска средина.
