Претседателот на Бугарија Румен Радев за време на средбата со претставниците на Организацијата за безбедност и соработка во Европа, кои учествуваат во мисијата за следење на претстојните парламентарни избори на 2 октомври, рече дека на неговата земја и треба стабилна редовна влада и функционално Собрание со долгорочен хоризонт, за да може да се носат и следат стратешки одлуки за државата, соопштија од прес-службата на шефот на државата.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ на 31 август отвори мисија за следење на предвременото парламентарно гласање во Бугарија. Радев посочи дека за да се зголеми излезноста на гласачите и да се постигне висок легитимитет на изборите, партиите и кандидатите за пратеници својата предизборна кампања треба да ја градат на конкурентни програми и работни решенија за излез од кризите, а не на лични напади.
Друго важно прашање, според него, е довербата во машинското гласање, што граѓаните на Бугарија го прифаќаат како фактор за елиминирање на високиот процент неважечки ливчиња пријавувани во минатото, како и за спротивставување на купениот и корпоративниот глас.
Радев рече дека во овој процес важна е улогата не само на институциите, туку и на политичките партии. „Слободните избори и масовното граѓанско учество на нив се столб на секое демократско општество“, порача претседателот на Бугарија и ја истакна потребата „партиите да не палат мостови меѓу себе за време на изборната кампања“, бидејќи за неколку недели тие ќе треба да работат за владејачко мнозинство и формирање влада во земјата.