Претседателот на Бугарија, Румен Радев упатил честитка до македонскиот претседател Стево Пендаровски по повод државниот празник Илинден – Ден на Републиката, информираат од неговиот кабинет, а информацијата ја пренесоа бугарските медиуми.
Во честитката бугарскиот претседател посочува дека оваа година се навршуваат 120 години од Илинденско-преображенското востание – „голем и значаен настан од заедничкото историско и културно минато на Бугарија и Република Северна Македонија“. Целта и саможртвата на хероите на востанието е еден од мостовите низ времето кој ги поврзува двете држави и нивните граѓани, посочува Радев во текстот.
„Одразот на идеалите за слобода, еднаквост и братство на нашите предци денеска ги препознаваме во фундаменталните права на Европската Унија, кон која искрено посакуваме да се приклучите. Убеден сум дека заедно можеме и треба да ги решиме отворените прашања во билатералните односи што го очекуваат нашите граѓани и е заради нашата заедничка иднина во Европа, пишува Радев во честитката.
Во текстот тој посочува дека постигнатите договори меѓу двете земји за заедничко одбележување на празниците од заедничката историја претставуваат одлична можност за зближување.