Премиерот Ковачевски не сакаше да коментира за обвинувањата на бугарскиот претседател бидејќи рече дека не ја видел изјавата, но му порача дека треба повеќе да се занимава со реформите во својата држава.
Бугарскиот претседател Румен Радев денеска во изјава за медиумите рече дека Македонија се враќа на практиката на лобирање во европските престолнини и институции за да се прекрие кршењето на човековите права, недостигот на реформи и подготвеноста за почеток на преговори со ЕУ, пренесува 360 степени.
Ова, нагласува Радев, не е вистинскиот начин.
„Во моментов повторно се интензивира лобирањето, но Бугарија ќе продолжи интензивно да работи со сите европски институции, со нашите европски партнери, со цел одлуките за Република Северна Македонија да не се засноваат на лобирање“, вели Радев, пренесува БНТ.
Премиерот Димитар Ковачевски, пак, не навлегуваше во коментар за обвинувањата на бугарскиот претседател бидејќи рече дека не ја видел изјавата, но му порача на Радев дека повеќе да се занимава со реформите во својата држава.
„Не сум ја видел изјавата и не би имал што да коментирам. Северна Македонија има многу јасни позиции во рамки не само на ЕУ туку и во НАТО. Ние сме држава која 100 проценти ја има усогласено својата надворешна политика со ЕУ, земја која рамноправно со другите носи одлуки во НАТО, вклучително и заедно со Бугарија. Ние имаме секоја години европски извештаи во однос на напредокот на реформите така што сметам дека претседателот на соседна држава треба да се занимава со реформите во неговата држава повеќе“, рече Ковачевски.