Бугарија отсекогаш била отворена за дијалог со Република Македонија и очекувам овој дијалог да придонесе кон нашето културно зближување, но и да ја поттикне економската соработка. Очекуваме Македонија да ги исполни сите свои обврски и кон нас и кон Европската Унија, изјави денеска претседателот на Бугарија Румен Радев пред средбата со претседателката на Македонија Гордана Сиљановска Давкова, која е во официјална посета на Бугарија.
Според Радев, Владата на Македонија сè уште не ја напуштила изборната реторика.
-Владата на Република Македонија сè уште не ја напуштила изборната реторика. Потребно е да се вратиме во реалноста, Нашите односи ќе зависат од склучените договори, изјави Радев.
Тој потенцира дека ангажманот на раководството на Македонија во врска со Коридорот 8 ќе биде јасен индикатор за вистинските европски амбиции на Македонија и за поголема поврзаност во регионот.
-Очекувам дека изразената желба за дијалог и разбирање од страна на претседателката Сиљановска Давкова ќе остане како доследна политика на владата на Македонија. Ние строго ќе го следиме протоколот. Време е и за мојата официјална посета на Република Северна Македонија, посочи Радев.
На прашање дали веќе има таква покана, Радев одговори дека во врска со ова прашање ќе се разговара со претседателката на Македонија.