Со огромно жалење ја примив веста дека на 189 – годишна возраст почина Агим Јонуз.

Не станува збор за печатна грешка, Агим почина на 63 години, но имаше одживеано најмалку три пати повеќе. Со својот животен стил, легендата од скопскиот асфалт секојдневно ја побиваше теоријата за времето и просторот. Одживеа неверојатно исполнет и бурен живот.

Ми претставуваше задоволетво да соработувам со него во медиумската сезона 2024/2025, кога заедно успеавме да ја направиме убедливо најгледаната епизода на Утринско еспресо на Радио Лидер.

Агим беше неверојатно добар и емотивен човек. Имаше фасада на лошо момче без влакна на јазикот, но зад фасадата се криеше детска душа која плачеше на неправди. Најмалку внимаваше на себе.

Не сакав да ја објавувам веста дека се бори за живот, очекувајќи дека како и секогаш ќе се врати посилен од претходно. За жал, до тука било…

Во неговото срце немаше никаква омраза. Ми беше премногу интересно да работам со него, не успеа да издржи да не препцуе во ниту една од триесетината епизоди кои ги направивме заедно.

Почивај во мир Мајсторе!

Ќе ја паметиме твојата луцидност и твојот објективен песимизам.

Сочувство до семејството.

 

Љупчо Златев, одговорен уредник