Европската унија ја поддржува секоја меѓудржавна иницијатива што подразбира инклузија, но Отворен Балкан ги нема оперативните можности како што ги има Берлинскиот процес, изјави шефот на хрватската дипломатија Гордан Грлиќ Радман.
Хрватскиот министер во интервју за РТЦГ рече дека ставот на ЕУ и на Хрватска е да ја поддржат секоја иницијатива што е дел од евроатлантскиот, европски пат и која подразбира вклучување на сите земји од регионот.
-Ако имате дуплирање на некои процеси, треба да видите фокус на иницијативи што постигнуваат дополнителна вредност. Кога зборуваме за иницијативата на заедничкиот пазар, Отворен Балкан, тој вклучува само три земји, тие треба да покажат инклузивност и остварување на некои интереси, вели Грлиќ-Радман.
Тој додаде дека му се чини дека Отворениот Балкан „нема соодветни можности за оперативна имплементација“, за разлика од „заедничката регионална пазарна иницијатива во рамките на Берлинскиот процес, која е надгледувана од советот за имплементација во координација со ЕУ“.
„Сметаме дека Берлинскиот процес е добра иницијатива и даваме силна поддршка на Берлинскиот процес“, рече Грлиќ Радман.