Мишко Ралев одговори зошто прифатил понуда од Георгиевски: Месеци подготвував кандидатура со СДСМ, но за одлуката дознав од медиумите

Професорот и архитект Мишко Ралев, во интервју за Фактор, откри дека со месеци работел на подготовка на кандидатура за градоначалник на Скопје, со поддршка од СДСМ. Како што вели, пристапил кон процесот како непартиска личност, мотивиран исклучиво од желбата да даде стручна и урбанистичка визија за главниот град, пренесува Либертас.

„И со Венко се знаевме од порано, комунициравме повремено, а по неговото избирање за претседател на СДСМ, конкретно разговаравме за мојата кандидатура“, објаснува Ралев. По одреден период на размислување и консултации, ја прифатил понудата и започнале заедничка работа на концептот и дизајнот на кампањата.

Изолација и медиумско разочарување

И покрај првичниот ентузијазам, на почетокот од јули, комуникацијата со партијата престанала без објаснување. „Последен пат разговаравме околу втори или трети јули. Потоа, никој повеќе не ми се јави“, вели Ралев, додавајќи дека бил затекнат кога одредени кругови почнале да шират гласини дека се откажал.

На 11 јули, од медиумите дознал дека СДСМ избрал друг кандидат за градоначалник. „Како сериозен човек, јавно изјавив дека не сум се повлекол. Никогаш не бев официјално известен дека сум исклучен од процесот“, нагласува тој.

Професионален ангажман со ВМРО-ДПМНЕ, не политички

По прекинот со СДСМ, Ралев ја прифатил понудата од кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓеоргиевски, да раководи со стручната советодавна комисија за урбанизам и архитектура, во случај на изборна победа. Тој подвлекува дека се работи за исклучиво професионална ангажираност без политичка позадина.

„Скопје мора да има експерти во урбанизмот. Мојата улога ќе биде стручна, а не партиска“, заклучува Ралев, подвлекувајќи дека визијата за градот останува негов мотив број еден.