Доколку Албанија не е дел од НАТО, таа би била лесен плен за секого, но сега никој ништо не и може, изјави албанскиот премиер Еди Рама, во разговор во живо со граѓани на Фејсбук.
Според Рама, Албанија не може, а да не е опфатена со кризата, бидејќи војната ги засегнала сите.
-Војната ги погодува сите, цената на енергенсите е зголемена во соседните земји. Ние не ја зголемуваме цената на енергијата, субвенционираме 80 отсто, што значи милиони. Добро би било да ги остраниме сите даноци, но тогаш со што ќе ги финансираме – изјави Рама.
Тој додаде дека е точно оти во Албанија има данок на нафтата и нагласи дека „не мисли дека ако се укине ќе биде направена добра работа, зашто има цел зошто е воведен“.
-Дали знаете дека во Македонија и Косово плаќаат десет проценти данок. Не велам дека нашето решение е најсовршено, но не можеме да војуваме со фактите. Затоа што имаме најниска минимална плата, од 30.000 лека (245 евра) владата субвенционира семејства со ниски примања. Даноците на платите на малите бизниси се прилично минимални. Да се тргне данокот на нафта и да се стави на плата? Ги прашувате пријателите и роднините што ги имате во Италија, како се чувствуваат во моментов, како се чувствуваат со приходите – одговори Рама со прашање на забелешка на граѓанин околу високата цена на горивата.
Претходно, Рама на средба со снабдувачите на горива, најави дека ќе се формира Национален одбор за снабдување со горива кој дневно ќе носи одлука за цената на горивата и предупреди дека секој кој нема да ја почитува определената цена од овој орган, ќе ја изгуби дозволата за работа.