Албанскиот премиер Еди Рама синоќа му го честиташе изборот на Дритан Абазовиќ за премиер на Црна Гора, наведувајќи дека сега регионот има тројца лидери Албанци, јави дописничката на МИА од Тирана.

– Среќен што Дритан Абазовиќ од денеска е премиер на Црна Гора. Кој би можел да поверува дека Балканот со шест држави може да има тројца премиери Албанци, напиша Рама во објава на Фејсбук.

Тој вели дека на нив е да изградат мостови на пријателство и благосостојба за сите.

– Наше е да се докажеме како добри градители на мостови за мир меѓу сите и благосостојба за сите. Честитки и успех за Дритан, за Црна Гора и за целиот наш регион, стои во објавата.

Албанските медиуми, кои отстапија посебен простор на изборите во Црна Гора, го акцентираат фактот што новиот црнгорски премиер е Албанец.
– Црногорскиот парламент ја избра 43-та влада во која има 18 министри, од нив двајца Албанци. Министер за јавна администрација е Мараш Дукај, додека министер за човекови и малцински права е Фатмир Ѓека, кој претходно бил градоначалник на општина Улцињ, наведуваат медиумите.