„Отворен Балкан“ се роди како идеја на тројца луѓе, а денеска е на сите граѓани и ќе биде се повеќе и повеќе на се поголем број луѓе, изјави денеска албанскиот премиер Еди Рама, по потпишувањето на Договорот за заемно признавање дипломи од високообразовни институции меѓу Македонија, Албанија и Србија.
Рама, изрази благодарност, што денеска во Охрид се петмина, без разлика на поранешните воздржувања, нагласувајќи дека тоа претставува можност за дијалог и да се добие најдоброто можно во функција на заедничкото добро.
– Би сакал да бевме шестмина и сакам да бидеме шестмина, но една работа е сигурна. „Отворен Балкан“ им припаѓа на граѓаните, на државите, на иднината. „Отворен Балкан“ нема да запре и нема да се затвори. Ова е сигурна работа и кој ќе се спротивстави е осуден на неуспех и разочараност. Тој што се воздржува само губи драгоцен време за да придобие од оваа иницијатива, изјави Рама.
Ја знаеме, нагласи Рама, историјата на војување и вртење грб едни на други во регионот од пред 100 години, но нашите деца заслужуваат да имаат простор каде сите богатства, убавини и сите различности на регионот ќе биде основа за нивната благосостојба.
– За оние кои поставуваат прашања за влегувањето или излегувањето од „Отворен Балкан“. За среќа „Отворен Балкан“ не е ниту ОН, ниту ЕУ. „Отворен Балкан“ нема процес на зачленување. Тука не се зачленуваме, туку се интегрираме, според своја желба, изјави Рама.
Како што веќе е најавено, Рама посочи дека, ќе се формира заедничка работна група за справување со кризата и за конкретни решенија.
– Длабоката криза, која според сите прилики, уште ќе се продлабочи и го засега не само нашиот континент, туку целиот свет, бара издржливост и посветеност на секоја држава. Се што ние можеме да направиме е да го олесниме товарот на секоја од нашите држави, благодарение на соработката меѓу нашите држави, што е нешто исклучително потребно во овој момент, изјави Рама.
Поради ова, тој нагласи, дека заедничката група ќе започне веднаш со работа.
– Почнувајќи во јули, со една средба за соочување со предлозите на работната група, а потоа во септември во Белград, каде што ќе биде првото издание на Саемот за вино и храна на „Отворен Балкан“, каде ќе бидат повикани сите бизниси и граѓани, изјави Рама.
Следниот самит, рече тој, ќе биде за енергетската сигурност, кој ќе се одржи во Албанија.
– Се знае дека Албанија денес е многу важна точка за регионот во смисла на снабдување со електрична енергија, а од друга страна имаме многу можности да бидеме комплементарни едни со други поради различните извори на енергија. Потоа е за транспортното поврзување и за туризмот во Црна Гора, за да имаме што повеќе синергија, изјави Рама.