Албанскиот премиер Еди Рама денеска во Тирана изјави дека националниот интерес на Албанија е загрозен со случувањата на северот на Косово и оти регионот на Западен Балкан не му припаѓа ниту на косовскиот премиер Албин Курти ниту на српскиот претседател Александар Вучиќ, туку на сите држава.

Тој оцени дека алармантна е потребата од нов конкретен притисок од Франција и Германија, со поддршка на САД, за да се финализира договорот меѓу Приштина и Белград, исто како што е алармантна и потребата од деескалација на ситуацијата на северот на Косово.

„Овој регион не е ниту на Албин ниту на Александар, овој регион им припаѓа на државите, народите кои се населени и кои управуваат со нив. Овој регион многу патеше од национализмот, од национал-фолклористите и постојаните судири кои можеби биле оправдани во некои други времиња, но не и денес среде Европа која по секоја цена бара мир“, рече Рама.

Албанскиот премиер рече дека Косово и Србија се согласија на договор за патот кон нормализација на односите, но дека се однесуваат како таков договор да не постои. Според него, тензиите во односите меѓу Белград и Приштина ѝ одговараат единствено на Русија.

„Овој статус-кво не смее да се продолжи, мора да излеземе од оваа политичка игра, а мораме да го избегнеме и сценариото за влошување на статусот на Косово“, вели Рама.