Не е тајна дека ги штитиме интересите на Косово, а преку берлинскиот процес сакаме да постигнеме слобода на движење, така што движењето да биде само со помош на лична карта, изјави албанскиот премиер Един Рама во Сараево, по средбата со претседателката на Министерскиот совет на БиХ, Борјана Кристо, пренесува РСЕ.
Тој рече дека дошол во Сараево за да ја информира претседавачката на Советот на министри за берлинскиот процес што треба да се одржи во Тирана во октомври годинава.
– Се надевам дека БиХ ќе потпише таков договор по примерот на Србија. Во октомври во Тирана треба да се заземе заеднички став за сите прашања кои не засегаат сите заедно – рече Рама.
Премиерот на Албанија претходно ги посети Скопје и Приштина, а по Сараево ќе замине за Подгорица и Белград. Балканската турнеја на Рама има за цел да ги информира земјите од регионот за подготовките што ги прави Албанија како домаќин на Самитот на Берлинскиот процес.
Рама рече и дека Албанија сака да ја зајакне соработката со Босна и Херцеговина, а се работи и на отворање амбасада на Албанија во Босна и Херцеговина.
Кристо рече дека разговарале за „добри и пријателски односи меѓу Босна и Херцеговина и Албанија“.
– Немаме отворени прашања. Ја истакнавме регионалната соработка и остануваме посветени на берлинскиот процес – рече Кристо.