Честитка до верниците по повод Рамазан Бајрам со повик за солидарност и национално единство
По повод празникот Рамазан Бајрам, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка до граѓаните од исламска вероисповед, како и до поглаварот на Исламската верска заедница, реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху.
Во обраќањето, таа ја истакна духовната длабочина на празникот, и ги охрабри сите граѓани да останат обединети и посветени на општествена кохезија, посебно во време на предизвици.
„Рамазан Бајрам нека донесе мир и семејна топлина“
„Вам лично, на членовите на Ријасетот, на муфтиите и на имамите, како и на сите верници од исламска вероисповед во Македонија, Ви упатувам најсрдечни честитки по повод големиот муслимански празник ‒ Рамазан Бајрам.“
„Од сè срце Ви посакувам празничните денови да ги поминете во хармонија и благосостојба, исполнети со радост и среќа, споделувајќи љубов и внимание со најблиските.“
Спомената трагедија што ја потресе заедницата за време на светиот месец Рамазан
Претседателката се осврна и на неодамнешната трагедија што ја потресе државата во текот на светиот месец Рамазан. Таа упати сочувство и поддршка до погодените семејства, нагласувајќи дека заедничката тага не познава етнички или верски граници.
„Годинава во светиот месец Рамазан, во месецот на пост, молитва и простување, ни се случи незапаметена трагедија којашто нè потресе како заедница и како индивидуи. Нашите мисли се со семејствата на настраданите и со повредените. Без разлика на верска, етничка или каква било припадност, сите се солидаризираме и заедно тагуваме.“
Повик за национално единство и одговорно однесување кон иднината
Во продолжение на пораката, Сиљановска-Давкова зборуваше за актуелната глобална состојба и укажа на потребата од внатрешна стабилност и социјално единство.
„Живееме во свет којшто е разбрануван од бурни геополитички поместувања, а ние сме кревки и ранливи во многу општествени сегменти. Пред нас се бројни предизвици и непредвидливи собитија. Да бидеме сплотени и обединети како заедница, како општество и како држава. Заедно можеме да ги надминеме и пребродиме сите тешкотии и проблеми.“
Таа повика на отвореност, емпатија и соработка меѓу сите граѓани.
„Со чиста мисла и со отворено срце за сите наши сограѓани, да ја направиме татковината просперитетна и достоинствена земја на среќни граѓани. Честит Рамазан Бајрам.“
Извор: Mkd