Судот во Струга донесе одлука да не го прифати барањето на одбраната за застареност на предметот против Рамиз Мерко, со што судскиот процес за набавката на луксузното „Ауди А6“ и три други возила во вредност од 114.000 евра ќе продолжи.
Судијата Јованов: Рокот за застареност е прекинат, судењето за Рамиз Мерко продолжува
Судијата Јордан Јованов потврди дека предметот ќе се води од почеток, а аргументите на одбраната за застареност немаат основа.
„Со оглед на тоа што расправата почнува одново, повторно ја донесов истата одлука, бидејќи сметам дека има прекин на рокот на застареност. Поради тие причини, расправата ја отворивме и почнавме со изведување на доказите“, изјави судијата.
Во однос на тоа кога може да се очекува пресуда, Јованов вели дека тоа зависи од присуството на сведоците.
„Не може да се даде конкретен одговор, бидејќи треба да се обезбеди присуството на сведоците. Листата е обемна, но тоа не значи дека сите сведоци ќе бидат прифатени. Со оглед на тоа како е предвидено делото, мислам дека апсолутната застареност е 2028 година“, додаде судијата.
Двајца сведоци не дојдоа, ревизорката Бојаџиевска не изнесе нови детали
Иако за денешното рочиште беа повикани сведоци, двајца од нив не се појавија во судницата. Единствениот сведок кој даде исказ беше Нада Бојаџиевска, вработена во Државниот завод за ревизија, која учествувала во изготвувањето на ревизорскиот извештај за работењето на Општина Струга во 2018 година, период кога е набавено возилото.
„Останувам на напишаното во извештајот од 2019 година, кој се однесува на работата на општината во 2018 година. Нема промена на мислењето“, изјави Бојаџиевска, но не изнесе конкретни детали.
Одбраната на Мерко: Во постапката нема незаконитости
Адвокатот Игор Петкоски, кој ја застапува одбраната на Рамиз Мерко, ја искористи изјавата на Бојаџиевска како аргумент дека нема неправилности во набавката на возилото.
„Сведокот децидно изјави дека останува на содржината на извештајот, што ја потврдува тезата на одбраната дека нема незаконитости во постапката за набавката на возилото“, изјави Петкоски.
Обвинителството: Општината била во долгови, а Мерко купувал луксузни возила
Судот го товари Мерко за злоупотреба на службената положба, бидејќи во време кога Општина Струга имала неподмирени долгови и блокирана жиро-сметка, тој набавил четири моторни возила, вклучувајќи луксузно „Ауди А6“ вредно 67.000 евра.
„Обвинителниот акт е за злоупотреба на службената положба. Ние сметаме дека има дело и ќе го поддржиме обвинителниот предлог поднесен од ОЈО Скопје“, изјави обвинителот Никола Јолевски.
Мерко утре повторно на суд – нов случај за незаконски именувани директори
Освен за набавката на возилата, Мерко утре повторно ќе седне на обвинителна клупа, овој пат поради незаконското поставување на директори во неколку основни училишта во Струга и околината.
Исто така, судењето за спорната спомен-плоча поставена на зградата на Општина Струга, кое требаше да се одржи денес, е одложено.
Против Рамиз Мерко во моментов се водат девет судски предмети, што го прави еден од најобвинуваните локални функционери во Македонија.
Извор: Алсат