Инцидент пред општинската зграда
Престрелка се случи претпладнево пред зградата на Општина Куманово, а според неофицијални информации ранет е кандидат за советник во Општина Липково, објави локалниот медиум Кумановски муабети.
Според информации од очевидци напаѓачот избегал, иако огромен број полициски службеници веднаш излегле од зградата на кумановската полиција која се наоѓа на неколку метри од општинската зграда.
Од полицијата информираа дека денеска (07.10.2025) во 13.54 часот во СВР Куманово е пријавено дека на крстосница од улиците Димитрије Туцовиќ со улицата 11 Октомври две лица во движење од огнено оружје пукале во патничко возило „фолксваген голф“, управувано од З.Ш.(43) од селото Слупчане, општина Липковo.
„Тој се здобил со повреди и е пренесен во болницата во Куманово за укажување помош. Полициски службеници излегоа на местото и се работи на расчистување на случајот“, соопшти полицијата.
Ранет политички кандидат
Според неофицијални информации на порталот Рацин, ранет е Зекирија Шаини од коалицијата на ДУИ. Носителот на советничката листа во Општина Липково бил застрелан со два до три куршуми во близина на зградата на Фондот за пензиско осигурување.
Ранетиот Шахини е вработен на скопската Клиника за пулмологија и е носител на советничката листа на ДУИ во општина Липково.
Извори на Телма од кумановската болница потврдиле дека повредениот Шаини бил префрлен на скопските клиники.