Комисијата за заразни болести предлага нова методологија за проценка и следење на епидемиолошкиот ризик. Останува на ставот дека е рано да се размислува за укинување на мерката носење заштитни маски во училиштата поради, како што велат, малиот процент на целосно вакцинирано население. Продолжува намалувањето на активните ковид случаи во државата чиј број, како што информираа вчера од Министерството за здравство, изнесува 2248, од кои најголем број 1258 се во Скопје.

– Во однос на училиштата, генерално ставот од претходно беше дека премногу е мал опфатот од вакцинација и се уште е рано за да размислуваме за укинување на таа мерка. Основната дискусија на состанокот денеска беше методологијата што ја предлагаме која ќе биде план за релаксирање на мерките и да се имаат точно одредени параметри врз основа на коишто ќе можеме да ги опуштаме мерките, рече вчера за МИА портпаролот на КЗБ, д-р Злате Мехмедовиќ.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири најави дека кога Комисијата за заразни болести ќе препорача дека учениците не треба да носат заштитни маски во училиштата, МОН тоа ќе го прифати.

– Јас можам да побарам, но факторот што одлучува е Комисијата и таа треба да процени дали маските веќе не се толку важни. За мене е многу важен фактор скринингот што го реализираше Министерството за здравство со Комисијата за заразни болести, кој ни покажа дека имаме добро почитување на мерките од страна на децата и многу мал број заразени деца, рече Шаќири.

Комисијата за заразни болести на вчерашниот редовен состанок предложи нова методологија за проценка и следење на епидемиолошкиот ризик. Новата методологија што ја предлага Комисијата за проценка и следење на епидемиолошкиот ризик ќе се темели на три индикатори за период од последните седум дена: бројот на новооткриени случаи и бројот на хоспитализации на 100 000 население и процент на исполнетост на здравствени капацитети. Епидемиолошкиот ризик, според предлогот на Комисијата, ќе се класифицира како низок, среден или висок и за секоја од проценетите состојби ќе има сет мерки.

Комисијата во соопштение објасни дека со зголемување на нивото на имунизирано население заради вакцини и прележана болест, поголем дел од инфекциите сега поминуваат асимптоматски или со благи симптоми.

– Затоа во последните недели фокусот околу КОВИД-19 во светот се поместува од вкупни бројки на новооткриени случаи кон број на хоспитализации и оптовареност на здравствениот систем. Според овие параметри, се предлага епидемиолошкиот ризик да биде класифициран како низок, среден или висок. За секоја од проценетите состојби се предвидува сет од мерки на индивидуално и општествено ниво. На ваков начин сметаме дека според објективни показатели ќе може навремено да се проценува ризикот и да се реагира соодветно во двете насоки, и за олабавување и за заострување на мерките, информира КЗБ.

Согласно одлуката на Владата, од вчера е укината мерката за задолжително поседување КОВИД-19 сертификат за влез во трговски центри/молови. Исто така, сертификатот за прележан КОВИД-19 наместо 45 трае 180 дена, а укината е и одлуката со која бремените жени се ослободуваат од работа и работни обврски со физичко присуство на работното место. Владата завчера ги прифати предлозите на Главниот координативен кризен штаб за справување со последиците од КОВИД-19 со кои се

Во вчерашниот извештај на Институтот за јавно здравје за претходното деноноќие, регистрирани се нови 292 случаи со КОВИД-19 од 2.410 направени тестови, двајца починати и 303 оздравени пациенти. Преку Регистарот на умрени лица со дијагноза КОВИД-19 од „Мој термин“ пријавени се уште пет починати.
Со тоа вкупниот број на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата достигна 300 398 од направени 1.913.011 тестирања. Оздравени се вкупно 289 064 пациенти, а 9 104 починале.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш вчера предупреди дека епидемијата на Ковид-19 две години подоцна се уште не е завршена и може дополнително да се пролонгира поради „скандалозно нееднаквата“ распределба на вакцините низ светот.
– Трагичниот биланс од пандемијата се повеќе од 446 милиони заразени ширум светот, со потврдени повеќе од шест милиони смртни случаи, а безброј луѓе се борат со влошено менталното здравје, изјави Гутереш.
Тој оцени дека благодарение на спроведените мерки и извонредно брзиот развој и дистрибуцијата на вакцините, во многу делови на светот болеста е ставена под контрола, но истовремено предупредува дека може да се направи голема грешка доколку се смета дека пандемијата е завршена.

Гутереш ја критикуваше, оценувајќи ја „скандалозна“, нееднаквоста при распределбата на вакцините, притоа посочувајќи дека при производство на 1,5 милијарди дози вакцина месечно „речиси три милијарди луѓе сè уште ја чекаат својата прва вакцина“.