Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат раст на бруто домашниот производ од 3,8 отсто за 2024 година и ревидирани 3,8 проценти за 2025 година. Владата веќе ја реализираше првичната зацртана цел номиналниот БДП да достигне 20 милијарди долари и поставува нова цел од 22 милијарди долари, изјави премиерот Христијан Мицкоски при увидот во инфраструктурните работи за вакуумска канализација во Јурумлери.
Премиерот истакна дека официјалните економски показатели се потврда за успешната консолидација на стопанството по претходниот период на стагнација и претставуваат демант на критиките од опозицијата.
„Ние со сите овие проекти што ги работиме и овие позитивни индикатори коишто се појавуваат имаме лоши вести за опозицијата. Тие би се радувале кога ние би можеле да тонеме во тоа политичко мочуриште во кое што тие ја оставија земјата на безидејност, уништена, ограбена, понижена држава, економија и граѓани. Ние се обидуваме овие нешто повеќе од две години сè тоа да го консолидираме и конечно еве првите индикатори излегуваат на сцена“, истакна Мицкоски.
Тој прецизираше дека растот на БДП за 2024 година е зголемен од првичните 3 на 3,8 отсто, додека за 2025 година проекцијата е ревидирана нагоре од 3,5 на 3,8 отсто.
„Но она што е поважно, нашата цел како Влада беше номиналниот бруто домашен производ на крајот од мандатот од оваа влада да биде 20 милијарди долари. Тој е веќе постигнат во 2025 година. Значи оваа година растеме уште побрзо. Сега имаме нова амбиција, пледираме на 22 милијарди долари, но да видиме сега како ќе биде оваа година. Досега првата половина е над очекувањата. Како ќе биде понатаму ќе видиме“, рече Мицкоски.
Мицкоски додаде дека дополнителен позитивен сигнал претставува зголемувањето на индустриското производство за 2,4 отсто во септември, со што е заокружен третиот квартал во услови на геополитички и енергетски предизвици на европскиот пазар.
„И сега во третиот квартал имаме зголемено индустриско производство во услови кога имаме малтене невидлива, тивка трета светска војна што се случува во светот поради ова со енергенсите и во услови кога имаме намалена побарувачка поради пазарите и финансиски, но и оние коишто се поврзани со потрошувачката кај нашиот најголем трговски партнер, а тоа е Европската Унија“, додаде Мицкоски.
Тој подвлече дека резултатите се меѓу најдобрите во поширокиот регион и Европа.
„Не можам да кажам дека сум незадоволен, задоволен сум. Секогаш може и подобро и одиме подобро, но ова е најдобриот резултат во регионот и еден од најдобрите во Европа, што претставува повторно лоша вест за нашата опозиција којашто би била најсреќна и би се радувала доколку ние потонеме во политичкото мочуриште коешто тие се обидуваат да го наметнат“, додаде Мицкоски.
