Индустриското производство бележи речиси двоцифрен скок
Премиерот Христијан Мицкоски изрази големо задоволство од најновите економски индикатори, според кои индустриското производство во Македонија забележува сериозен раст, особено во вториот квартал од годината. На новинарско прашање, за време на посетата на фармацевтската компанија Реплек, тој оцени дека економијата влегува во нова развојна фаза, по периодот на стабилизација.
Според податоците кои ги изнесе премиерот, индустриското производство во месец мај годинава пораснало за 9,4% во однос на истиот месец лани. Посебно позитивен тренд е забележан во преработувачката индустрија, која бележи раст од 9%.
Раст и на ниво на квартал и година
Мицкоски истакна дека ако се земе во предвид периодот од јануари до мај 2025, индустриското производство пораснало за 3,3%, додека преработувачката индустрија има раст од 4,5% во споредба со истиот период минатата година.
Тој подвлече дека ова е јасен сигнал дека македонската економија излегува од фазата на консолидирање и стабилизирање и преминува во фаза на реален раст.
„Исклучително сме задоволни, бидејќи индикаторите, посебно во вториот квартал, почнуваат конечно да покажуваат раст. Значи, оној период на стабилизација на македонската економија сега е проследен со раст“, изјави Мицкоски.
Како позитивен пример ја посочи токму компанијата Реплек, која, според него, со својот менаџмент и развој, придонесува кон овој раст и треба да биде мотив за останатите фирми.
Очекувања за вториот квартал: висок економски раст
Премиерот најави дека очекува вториот квартал од 2025 година да донесе „исклучително висок раст на македонската економија“. Освен индустриското производство, тој ги спомена и другите економски сектори кои бележат напредок, особено туризмот, кој според неговите зборови, расте со повеќе од 20%, како и инвестициите.