Македонија остварува рекорден принос на винско грозје

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, посочи дека оваа година македонското лозарство доживува значителен напредок во производството на винско и трпезно грозје. Според неговите зборови, растот е видлив кога се споредува со резултатите од претходната година.

„Податоците покажуваат значителен напредок споредбено со минатата година. Во минатата година вкупната берба на македонското грозје изнесуваше околу 85 милиони килограми, од кои 65 милиони килограми беа откупени од индивидуални земјоделци. До денешниот ден бербата на винското грозје е над 96 милиони килограми“, истакна министерот Трипуновски.

Трипуновски додаде дека откупот продолжува и дека во наредните седум до десет дена се очекува вкупната берба да надмине 110 милиони килограми винско грозје.

„Со оглед дека имаме уште период на откуп, во наредните седум до десет дена ќе се откупува уште и очекуваме бербата да заврши со над 110 милиони килограми винско грозје”, објасни министерот.

Според министерот, зголемувањето на приносот е резултат на навремено обезбедена количина вода за наводнување преку АД Водостопанство, што овозможило оптимални услови за раст на лозјата.

„Ние за овие над 110 милиони килограми на винско грозје ако земеме просечна цена од 0,30 евроценти, значи некаде околу 33 милиони евра ќе влезат директно кај македонските производители“, истакна тој.

Министерот нагласи дека клучот на успехот не лежи само во повисоките откупни цени, туку и во зголемување на квантитетот на произведеното грозје, што директно ја зголемува финансиската добивка на македонските лозари.