Измамите коишто потекнуваат од социјалните мрежи се во пораст. Само лани, според американската Федерална трговска комисија – ФТЦ, повеќе од 95.000 луѓе изгубиле вкупно 770 милиони долари поради измамниците. Тоа е повеќе од двојно повеќе од 258 милиони долари украдени 2020 година.

Во извештајот на ФТЦ не е наведено зошто имало толку високо зголемување во 2021. Исто така, има огромен пораст и на измамите поврзани со лажни „влогови во криптовалути“ – 285 милиони долари отишле на овие измами, речиси една третина од вкупниот износ. А, во пораст се и „романтичните“ измами и оние поврзани со купување преку интернет.

„Измамите обично започнуваат кога на корисникот му се јавува навидум пријателска личност, по што следи пријатен разговор, а потоа барање пари. Повеќе од една третина од луѓето кои биле измамени од ‘интернет-романси’ во 2021 година тврдат дека сѐ започнало на Фејсбук и Инстаграм“, соопштува ФТЦ.

Фејсбук и Инстаграм се единствените платформи наведени во извештајот.

„Создадовме повеќе корисни ресурси за борба против ваквите измами и злоупотреби. Одиме и подалеку од исекување и бришење профили, страници и реклами. Преземаме правни мерки против одговорните и секогаш ги охрабруваме луѓето да пријават такво однесување кога ќе го забележат тоа“, се вели во соопштението на Мета.

На корисниците им се препорачува „да ги заклучуваат“ своите профили и да внимаваат во случај на барања за сметки за пари, особено кога станува збор за криптовалути или подарок-ваучери.