Романија потврди упад на руски дрон

Романското Министерство за одбрана потврди дека руски дрон навлегол во нејзиниот воздушен простор за време на нападите врз украинската инфраструктура долж реката Дунав. Со ова, Романија стана втора членка на НАТО, по Полска, која официјално пријави ваков инцидент. Дронот бил забележан од два авиони Ф-16 околу 20 километри од селото Чилија Вече, но набргу исчезнал од радарите и не претставувал закана за населението.

Реакции од Украина, НАТО и Европската Унија

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека ова „не може да биде грешка, туку очигледно проширување на војната од страна на Русија“. Од Москва нема официјален одговор, но Полска потврди дека соборила три руски дронови на својата територија. Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, го оцени инцидентот како „неприфатливо кршење на суверенитетот на земја-членка на Унијата“.

НАТО со зголемени безбедносни мерки

Полскиот премиер Доналд Туск информираше дека системите за воздушна одбрана се во највисока состојба на готовност, а Чешка испрати специјални единици и хеликоптери во Полска за поддршка на можни мисии. Во САД, претседателот Доналд Трамп најави построги санкции кон Русија, доколку НАТО земјите ја намалат зависноста од руската нафта. Инцидентите во Полска и Романија дополнително ја зголемуваат загриженоста за можен директен судир меѓу Русија и Алијансата.