Донесени беа наредби за вршење на судско-медицинска обдукција и идентификација на телата на починатите до Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија при Медицински факултет во Скопје.
Од доставените извештаи до обвинителството се утврдува дека од починатите, осум жртви се жени и шест мажи, на возраст од 29 до 78 години. Од нив 12 лица биле хоспитализирани како пациенти во ковид болницата. Од починатите, две лица и тоа сопруга на пациент и ќерка на пациентка се надворешни лица кои не биле хоспитализирани, информираат од ЈО и додаваат дека причината за нивното присуство во моментот на несреќата се истражува.
Во Судска медицина во меѓувреме на обдукција е донесено уште едно тело на 15-та почината во модуларната болница во Тетово која не е жртва на пожарот, но ЈО побарало обдукција.
Станува збор за девојка од 20-тина години, со церебрална парализа, која во моментот на избувнување на пожарот докторите ја реанимирале, но одеднаш се појавил пожарот, нејзината реанимација е прекината, и заедно со мајка и и медицинскиот персонал веднаш е извлечена надвор, без повреди или изгореници од пожарот.
Девојката откако починала била однесена дома, но обвинителството дополнително ја додаде во овој кривично-правен настан и побара нејзина обдукција.
Во меѓувреме, во судска медицина завршена е обдукцијата на 14-те жртви во пожарот. Причината за смртта кај сите е изложеност на висока температура, изгореници и задушување. При крај е и ДНК анализата, а обвинителството ќе добие извештајот во текот на денот.
Инаку, Обвинителството презеде мерки за обезбедување на видео-снимки од ЈЗУ Клиничка болница во Тетово, од и околу болницата, околните деловни објекти, станбени згради, куќи, како и обезбедување на целокупниот видео-материјал објавен, како од индивидуални поединци, така и од социјалните мрежи. Снимките се вештачат по издадени наредби од обвинителството и се очекува извештаите од нивната анализа да помогнат во расчистување на настанот.
Исто така, Обвинителството издадло наредба до СВР-Тетово за одземање на целокупната документација во врска со изградбата на модуларната болница, од самата болница, а исто така и од правното лице – изведувачот на изградбата.