Ковид пандемијата го зголеми бројот на корисници на социјална помош. Оваа година уште 8,5 илјади домаќинства се приклучиле на листата социјалци, а за наредната, министерката за труд очекува дополнителни 5,5 илјади семејства. Ова значи дека нови 14 илјади домаќинства осиромашиле и останале без работа поради пандемијата, анализира Сител.

Сепак, министерката за труд и социјална политика уверува дека пари ќе има за сите кои ќе се пријават.

-Минатата година корисници на социјална помош биле 35.500 домаќинства што значи дека за една година, оваа 2021 се запишале нови 8,500 семејства. За наредната, со оглед на тоа дека кризата ќе потрае, се очекуваат нови 5,500 корисници на социјална помош, изјави министерката Јагода Шахпаска.

Минималната загарантирана социјална помош изнесува 4.000 денари по член. Се зголемува за секој нареден член од семејството, што значи 2 возрасни и дете можат да земаат околу 12.000 денари помош. Бизнисот вели дека бројките на социјалци е поразителен и жално е што толку лица осиромашиле. Но од друга страна – се сомневаат дека толку лица не работат. Затоа бараат зачестени контроли кај корисниците и измени во законот.

-Загрижува факторот што Законот индиректно поттикнува сива економија, бидејќи ги задржува овие лица во нерегистрирана дејност. Не верувам дека тие лица се сите дома, туку дека работат на црно. Според мене, минималната плата треба да е драстично повисока од социјалната помош, за примателите на помош да посакаат да работат и контролите да бидат чести, да се види дали тие лица се дома или работат на црно, изјави Миле Бошков, Бизнис Конфедерација.

Инаку минималната плата кај нас изнесува 15.000 денари, додека за да се задоволат основните месечни потреби на едно 4 члено семејство потребни му се 34.600 денари.

Во време кога цените на производите секојдневно растат, а најавите се дека бранот поскаувања ќе продложи. Синдикатот бара зголемување не само на минималната, туку и на сите плати во државата. Во спротивно, листата на сиромашни ќе биде во пораст.

Прилогот на СИТЕЛ, погледнете го во продолжение: