Во текот на оваа недела во Македонија се регистрирани седум нови случаи на инфекција со вирусот Западен Нил, а сите заболени се од Скопје. По два случаи се регистрирани во Кисела Вода и Гази Баба, а по еден во Илинден, Бутел и Аеродром.
Новозаболените се на возраст од 60 до 84 години и сите се хоспитализирани. На Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во моментов се лекуваат вкупно 16 пациенти.
Кај 15 пациенти инфекцијата со вирусот е лабораториски потврдена, додека за уште еден сомнителен случај се очекуваат резултатите од тестирањето. Тројца од пациентите се во критична состојба и се интубирани.
Станува збор за повозрасни лица кои имаат и придружни заболувања. Останатите хоспитализирани пациенти се во стабилна состојба и добиваат соодветен медицински третман.
Од почетокот на годината во земјава се регистрирани вкупно 20 случаи на инфекција со вирусот Западен Нил. Првиот случај бил пријавен на 15 мај 2026 година во Велес.
Како најефикасна превентивна мерка се посочува заштитата од убоди од комарци. Се препорачува избегнување престој на отворено во зори и во самрак, кога комарците се најактивни, како и користење репеленти и поставување заштитни мрежи на прозорците и вратите.
Граѓаните се советуваат редовно да ја отстрануваат застоената вода од дворовите и терасите, бидејќи ваквите места создаваат поволни услови за размножување на комарците.
