Утрово во 2:43 часот е регистриран земјотрес со јачина од 7,1 степени според Рихтер на Филипините, соопшти EMSC.
Епицентарот на земјотресот бил на длабочина од 10 километри и 13 километри југоисточно од градот Долорес на островот Лузон. Се почувствувал и во главниот град Манила, на повеќе од 400 километри оддалеченост од епицентарот, каде работниците и жителите ги евакуирале зградите и се собрале на улиците.
Најмалку четири лица загинале, а 60 се повредени, изјави филипинскиот министер за внатрешни работи, а пренесува Ал Џезира.
Ерик Сингсон, претставник во северната провинција Илокос Сур, рече дека земјотресот траел најмалку 30 секунди.
-Мислев дека мојата куќа ќе се урне. Сега се обидуваме да допреме до луѓето. Има афтершокови, толку многу луѓе се на улиците, рече Сингсон.
Во градот Виган се оштетени згради стари со векови, изградени за време на шпанскиот колонијален период. На видеото кое се појави на социјалните мрежи се гледа како се урива камбанаријата Бантај.
Филипинскиот институт за вулканологија и сеизмологија ги предупреди граѓаните на можноста од последователни потреси, но додаде дека нема опасност од цунами, пишува CNN.
Претставникот Чинг Бернос рече дека земјотресот „предизвикал штета на многу домаќинства и институции“.