Четири лица загинаа, а седуммина се водат како исчезнати во случајот со полскиот рудник за јаглен, изјави висок владин претставник.

Претходно, сопственикот на рудникот информираше за инцидентот како можна експлозија на метан во раните утрински часови.

Според неговите информации, во рудникот за јаглен „Пњевек“ во Павловице, се верува дека настанала експлозија на длабочина од 1.000 метри. На местото на инцидентот биле 42 рудари. Од нив, 21 се пренесени во болници.

„Многу тажна вест. Четворица рудари загинаа во експлозија во рудникот „Пњевек“. Продолжува потрагата по седум други лица. Се придружувам во молитвата со семејствата и роднините на рударите“, напиша на Твитер, вицепремиерот Јацек Сасин.

Повеќето од повредените имаат изгореници, соопштија лекарите.

Од JSW соопштија дека 13 тимови биле вклучени во операцијата за спасување, но, напорите сега биле прекинати.

„Спасувачката операција е прекината, додека не се обнови бариерата од прашина, што ја штити базата за спасување од експлозија на метан“, се вели во соопштението на компанијата.

Семејствата на жртвите добиваат помош од психолози, се наведува во соопштението.

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки истакна дека неговите „мисли и молитви“ се со семејствата на рударите и најави дека ќе отпатува во регионот.

Акциите на JSW паднаа за 1,4 отсто до 08:07 часот по Гринич.