Растот на цената на нафтата денеска забрза, надминувајќи го нивото од 111 долари за барел, откако медиумите објавија дека нафтената групација ОПЕК+ одлучила скромно да го зголеми производството во јуни, и откако Европската унија во средата претстави план за ембарго на увозот на руската нафта.
Добивај вести на вибер
Европската нафта Брент порасна за 0,88 отсто на 111,1 долари по барел на тргувањето во Лондон во 17:05 часот по наше време, а цената на американската нафта WTI порасна за 0,58 отсто на 108,4 долари по барел, според податоците на порталот oilprice.com, кој го следи движењето на цените во реално време.
Групата ОПЕК+, составена од Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници предводени од Русија, денеска се договори за скромно месечно зголемување на производството од 432.000 барели дневно во јуни.