Премиерот Христијан Мицкоски најави дека растот на извозот ќе придонесе за намалување на трговскиот дефицит и економски напредок
„Во првите шест месеци, после долго време, растот на извозот е поголем од увозот,“ изјави премиерот Христијан Мицкоски. Тој ова го нагласи за време на посетата на општина Петровец, каде изврши увид во реализацијата на повеќе општински проекти.
Мицкоски прецизира дека раст на извозот е забележан од 2,9% во првите шест месеци од годинава, во споредба со истиот период лани. Во истиот временски интервал, увозот пораснал за 2,3 или 2,4%.
„За прв пат после долго време се случува да се намалува трговскиот дефицит со странство. Ова се случува и покрај состојбата во автомобилската индустрија, која е нашата најголема извозна компонента,“ изјави премиерот.
Тој додаде дека очекува раст на извозот и во наредниот период, што според него ќе придонесе за подобрување на економските показатели. „Очекувам и во периодот што следи таквата економска активност да продолжи,“ рече Мицкоски.