Единицата за сајберкриминал при париското обвинителство изврши упад во француските канцеларии на Икс поради сомнеж за повеќе кривични дела. Обвинителството соопшти дека Илон Маск и поранешната извршна директорка на Икс, Линда Јакарино, се повикани на сослушување во април.
Икс засега нема официјален коментар, но претходно француската истрага ја опиша како напад врз слободата на говорот.
Истрагата била отворена во јануари 2025 година, кога обвинителите почнале да испитуваат содржини препорачани од алгоритмот на платформата, а во јули била проширена и на четботот со вештачка интелигенција „Грок“. Во тој период, Икс ги отфрли обвинувањата и тврдеше дека постапката е „политички мотивирана“, негирајќи манипулации со алгоритмот.
По рацијата, обвинителството соопшти дека се испитува дали Икс го прекршил законот во повеќе сегменти. Меѓу потенцијалните кривични дела што се разгледуваат се соучество во поседување или организирана дистрибуција на слики од деца со порнографска содржина, нарушување на правата преку „дипфејк“ фотографии и измамничко извлекување податоци од страна на организирана група.
