Шест лица обвинети за организирано фалсификување евра, произведувале лажни пари за продажба во Србија
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинителен акт против шест лица за учество во организирано фалсификување евра, информираа од Обвинителството. Групата се занимавала со производство и дистрибуција на лажни евра на територијата на Македонија и Србија. Петмина се обвинети за кривичното дело „Фалсификување пари“, а првообвинетиот и уште едно лице се теретат и за „Правење, набавување или отуѓување средства за фалсификување“.
Групата делувала преку регионален канал, користела специјализирана опрема и прецизни машини
Според обвинителството, дејствувањето на групата траело од крајот на 2023 до февруари 2025 година. Имале јасна организациска структура со точно поделени улоги. Првообвинетиот ја основал групата, набавил опрема за фалсификување и ги координирал активностите, а шестиот осомничен бил одговорен за изработка и техничко одржување на машините.
„Првообвинетиот ја формирал групата, обезбедил опрема за производство на фалсификувани банкноти и координирал со останатите обвинети, додека шестотоосомничениот бил задолжен за изработка и одржување на машините“, соопштуваат од Обвинителството.
114.150 фалсификувани евра пуштени во оптек, продадени по цена од 25 до 30% од вредноста
Фалсификуваните банкноти биле во апоени од 20, 50, 100 и 200 евра. Биле продавани на заинтересирани купувачи во Србија по цена од 25 до 30 проценти од номиналната вредност. Вкупно се пуштени во промет 114.150 евра, за кои групата инкасирала 42.400 вистински евра.
„Во текот на истрагата обезбедени се докази за набавка на материјали, фалсификување и канали за продажба во Србија, како и за изработка на машини со висока прецизност“, додаваат од Обвинителството.
Обвинението е поднесено против шест македонски државјани. За уште шестмина српски државјани, Обвинителството продолжува со предистражна постапка во координација со надлежните органи од Србија. Истражните органи од двете земји соработуваат во насока на идентификација на целосната мрежа и обезбедување дополнителни докази.