Разбојништво во скопски мотел – осомничени напаѓачи во договор нападнале човек и го ограбиле

Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага против четири лица, двајца мажи и две жени  под сомнение дека сториле кривично дело разбојништво, казниво по член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Според обвинителството, четворицата делувале како организирана група и со физичка сила одзеле 200 илјади денари, мобилен телефон и лична карта од едно лице во скопски мотел.

Настанот се случил на 30 октомври, кога оштетениот со една од осомничените жени отишол во мотел во Скопје. Таа му предложила да повика уште една девојка, а по неговата согласност ја повикала својата соучесничка. Двете жени го убедиле да заминат во, како што рекле, „поубав и поевтин хотел“.

Кога излегле од собата, во темниот двор на мотелот ги чекале двајцата мажи кои биле во договор со нив. Тие заедно му се нафрлиле на оштетениот, удирајќи го со боксови по главата и телото додека не паднал на земја, по што му ги одзеле парите и предметите што ги носел со себе.

Јавниот обвинител доставил предлог до судијата на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје за определување мерка притвор за сите четворица осомничени, поради опасност од бегство и можност да го повторат делото.

За една од осомничените жени, која е во бегство, притворот ќе биде применет по нејзино пронаоѓање и лишување од слобода.