Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, ќе предводи партиска делегација во Брисел на Собранието на Европската народна партија (ЕПП), а ќе оствари и средби со европратеници, претседатели на политички партии и премери, луѓе кои се дел од ЕПП. Како што најави тој, средбите ќе бидат искористени за разговори за тоа „како може што поскоро да се отпочнат преговорите со Република Македонија, да се тргне она вето кое за жал нашиот источен сосед Бугарија го има наметнато да сега во 21 век ние разговараме за теми кои се од век“.

Реафирмирана е силната американска поддршка, како и поддршката од повеќе европски центри за почеток на пристапните преговори на С Македонија со ЕУ по продолжената бугарска блокада на Самитот на ЕУ. Скопје продолжува да бара решение за ветото, но ќе мора да се чека политичка влада во Софија, а евентуалната одлука за старт на преговорите ја очекува во декември.

Американската амбасадорка во земјава Кејт Брнз вчера повтори дека Вашингтон е разочаран од фактот што Република С.Македонија не ги започна пристапните преговори за членство во Европската унија, оти постојано ја испраќаат пораката дека земјата е подготвена и ги има исполнето сите услови потребни за влез во ЕУ, и најави дека и во иднина ќе продолжи нивниот дипломатски ангажман.

– Ќе продолжиме со нашите дипломатски ангажмани и во иднина, а го истакнуваме ставот дека иднината на Република Северна Македонија е во продолжување на процесот за членство во ЕУ, изјави амбасадорката Брнз на новинарско прашање дали САД очекуваат засилени средби меѓу политичарите и засилена комуникација Скопје-Софија откако Република Северна Македонија не доби зелено светло за почеток на преговорите на Самитот на ЕУ на крајот од португалското претседателство по предавањето донација од САД, во касарна Чојлија кај Петровец.

Процесот на проширување на ЕУ и случувањата поврзани со последните Самити на ЕУ беше централна тема на годишниот состанок на министрите за надворешни работи од земјите од Вишеградската група (В4) и земјите од Западен Балкан (ЗБ6) во Познан, во рамките на полското претседавање, на кој учествуваше и шефот на дипломатијата Бујар Османи. Министрите, се наведува во соопштението од нашето МНР, без исклучок испратија силна порака да се продолжи со напорите за донесување на неопходните одлуки во рамките на словенечкото претседателство до крајот на годината, ја нагласија важноста од продолжување на процесот на проширување како стратешка цел на ЕУ и ја истакнаа важноста на преговарачкиот процес за внатрешните реформи на земјите, како и за севкупна позитивна трансформација на регионот.

– Земјата во изминатите години вложи исклучителни напори за да го отвори преговарачкиот процес; соодветно, секое одложување на овој старт создава одредени фрустрации и недоверба кон процесот на проширување. Но и покрај овие предизвици, ние не само што не се откажуваме од сопствената европска иднина, туку продолжуваме и со активен ангажман во надминување на недоразбирањата со нашиот сосед, како и со нашиот активен ангажман во заштита и промоција на европскиот кредибилитет во регионот, истакна Османи на состанокот.

За тоа дека одредени билатерални прашања не треба да бидат пречка на патот кон целосно интегрирање на Северна Македонија во ЕУ, се заложи и претседателот на Националното собрание на Словенија, Игор Зорчиќ на средбата вчера со неговиот македонски колега Талат Џафери на маргините на Самитот на претседатели на парламенти „Европски парламент – Западен Балкан“, во Брисел.

Зорчиќ истакна дека Словенија го поддржува членството на земјава во ЕУ, при тоа осврнувајќи се на на компромисното решение на неговата држава за непопречување и неблокирање на евроинтеграивниот пат на Хрватска, односно на решавање на билатералните прашања како паралелен процес на пристапувањето кон Европската унија. Џафери, пак, подвлече дека Европската унија не е комплетна без целосно интегрирање на сите држави од Западен Балкан, а имаше обраќање и пред Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент во Брисел.

-Без одложување треба да се одреди датум за одржување на првата Меѓувладина конференција, со која ќе го означиме формалниот старт на преговорите за Република Северна Македонија. Секое одложување сериозно ќе се одрази на политичко-економската ситуација во нашата земја, но и ќе има свое влијание и на останатите земји во регионот кои споделуваат исти или слични отворени прашања со своите соседи,  истакна Џафери во обраќањето пред членовите на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на ЕП.

Премиерот Зоран Заев посочи дека и по повтореното вето, земјата ќе продолжи со напорите за надминување на блокадата од Софија,  а следната реална можност кога ќе се одлучува за почеток на пристапните преговори со ЕУ ја очекува во декември на крајот од словенечкото претседателство, согласно праксата на Унијата, иако на 6 октомври е закажан самит за Западен Балкан и за проширувањето на ЕУ.

-Според мене, декември е следната одлука, иако на 6 октомври има закажано самит за Западен Балкан и за проширувањето на ЕУ. Но, изгорени сме неколку пати, и јас и нашиот народ, и не би ги кревал надежите за 6 октомври, затоа што нема логика, имајќи предвид дека ваквите одлуки Европскиот совет и Советот за општи работи ги носат на крајот на полугодието кога завршува претседавањето на одредена земја. Сега е Словенија од 1 јули и верувам дека Словенија исто така ќе покаже сериозен фокус по ова прашање. Јас реков, ние продолжуваме. Продолжуваме со напори, со обиди знаејќи до каде смееме и што е дозволиво за разговори, надевајќи се дека час поскоро ќе продолжи европеизацијата низ европските механизми, а тоа се поглавјата затоа што европеизацијата се случува секој ден во нашата земја и ние друга алтернатива од тоа немаме. Убеден сум дека низ поглавјата е тоа вистинското кое што треба да се случи и затоа ќе продолжиме да правиме и понатаму напори, но моите очекувања се декември оваа година, вели Заев.

Нагласи дека важна работа е дека се потврди оти не се преговара за македонскиот јазик и македонскиот идентитет, а тоа, вели, го соопшти и бугарската страна, затоа што тоа е предвидено во преговарачката рамка каде стои „преводот на акито ќе биде на македонски јазик“, а тоа е, вели, важно прашање и за нас најважното. Премиерот најави и дека ќе продолжат координациите и контактите на ниво на работни групи, и им посака на Бугарија и бугарскиот народ успешни избори на 11 јули кои ќе доведат до Парламент и Влада за, како што нагласи, да може да продолжат политичките контакти.

-Дефинитивно за да продолжат политичките конакти треба да ги почекаме изборите, затоа што по Уставот претседателот ги има тие надлежности кои што ги има и нашиот претседател, Владата е таа која одлучува.Така што верувам дека крајот на јули почетокот на август ќе можеме да ги возобновиме политичките контакти, вели Заев по пуштањето во употреба на нова спортска сала во Волково, општина Ѓорче Петров.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска преку видео конференција ќе разговара со премиерите на Северна Македонија и Албанија, Зоран Заев и Еди Рама, за унапредување на односите во рамките на регионалната иницијатива „Мал Шенген“. Како што јави дописникот на МИА од Белград, иницијативата „Мал Шенген“, која во моментов ги вклучува Србија, Албанија и Северна Македонија, беше иницирана во Нови Сад во 2019 година од трите земји како проект за подобрување на економијата и на регионалната соработка која е услов за членство во ЕУ. Идејата на трите земји од Западен Балкан е да создадат единствен пазар со цел да се забрза нивниот економски развој.