Илјадници пожарникари продолжуваат да се борат со пожарите во Португалија, Шпанија и Франција, бидејќи топлотниот бран не покажува знаци на намалување, јави Би-Би-Си.
Во северниот дел на Португалија, пилот загина во противпожарен авион во област во близина на границата со Шпанија.
Португалските власти соопштија дека најмалку 238 лица починале од горештините во текот на изминатата недела.
Пожари беснеат во делови од северозападниот француски регион Жиронда, каде што се евакуирани повеќе од 12.000 луѓе.
Топлотните бранови станаа почести, поинтензивни и подолги поради климатските промени предизвикани од луѓето. Светот веќе се загреа за околу 1,1 степени Целзиусови од почетокот на индустриската ера и температурите ќе продолжат да растат доколку владите ширум светот не преземат чекори за намалување на емисиите.
Француската метеоролошка служба денеска предвидува температури до 41 Целзиусов степен во делови од југот на земјата, а за утре се предвидуваат нови топлотни рекорди.
Франција доцна синоќа прогласи портокалов метео-аларм во уште 22 департмани, главно долж брегот на Атлантикот.
Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дрманен рече дека пожарите веќе изгореле 10.000 хектари шума и вегетација и ги пофали пожарникарите за нивната извонредна храброст.
Во меѓувреме, на Алпите се повикуваат планинарите да ги одложат искачувањата до Мон Блан поради опасност од лизгање на земјиштето предизвикано од исклучителните климатски услови.
Од вторникот, температурите се искачија до 47 степени Целзиусови во Португалија и над 40 степени во Шпанија, што ја исуши земјата и ги разгори пожарите.
Португалските метеоролози велат дека температурите ќе продолжат да се движат околу 40 степени пред да паднат следната недела.
Најголемите пожари во Португалија се североисточно од Порто. Пожарите оваа година уништија 30.000 хектари земја, и се најголеми од летото 2017 година, кога Португалија беше погодена од разорни пожари во кои загинаа околу 100 луѓе.