Полицијата ги идентификуваше лицата кои учествувале во насилниот инцидент во Гостивар, откако на социјалните мрежи беше објавена видео-снимка од настанот. Од Министерството за внатрешни работи информираат дека по објавувањето биле преземени интензивни мерки и активности за утврдување на идентитетот на учесниците.

Според информациите од МВР, на 2 август 2026 година во 22:20 часот во ОВР Гостивар, 22-годишниот А.В. од Гостивар пријавил дека истиот ден околу 02:30 часот, на улицата „Борче Јованоски“ во Гостивар, тој и неговиот пријател Л.Е. биле физички нападнати од три непознати машки лица.

Во пријавата било наведено дека напаѓачите употребиле тврди и дрвени предмети за време на нападот.

За случајот веднаш бил известен дежурен јавен обвинител. По негови насоки и во координација со надлежниот обвинител, полициските службеници од ОВР Гостивар презеле повеќе оперативни мерки, по што биле идентификувани тројцата учесници во насилниот настан.

Во полициска станица на службен разговор биле повикани двајца малолетници од Гостивар. По наредба на јавен обвинител, на нив им биле одземени патните исправи.

Третото осомничено лице е В.Д. (20) од Скопје, за кого е испратена телеграма до СВР Скопје за понатамошно постапување.

Од МВР информираат дека по целосното документирање на случајот, во текот на утрешниот ден, по брза постапка, против осомничените ќе биде поднесен соодветен поднесок. Тие потоа ќе бидат изведени пред надлежен судија на претходна постапка.