Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски разреши директорка на основно училиште која поседувала лажна диплома за странски јазик. Вели дека нема компромиси кога е во прашање спроведувањето на законите и апелира до надлежните институции да го расветлат случајот, работејќи непристрасно и водејќи се исклучиво според законодавната легислатива.
Ѓорѓиевски потенцираше дека правдата мора да излезе на виделина и при тоа да нема никакви негативни последици врз учениците и наставно-научниот процес.
-Нема компромис кога е загрозен законот. Директорката веднаш е разрешена. По добиените информации дека една директорка на основно училиште поседувала лажна диплома за странски јазик, донесов одлука за нејзино разрешување. При самиот избор, разгледувањето на документацијата и интервјуто од страна на Училишниот одбор не било возможно да се увиди дека списите не се регуларни, при што е изготвен извештај за избор на најдобар кандидат, кој што ќе биде поништен, и наскоро училиштето ќе добие нов в.д. директор, истакна Ѓорѓиевски.
Единицата за корупција при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, до Основното јавно обвинителство Скопје, поднесе кривична пријава против Т.К.(49) од Скопје и С.К.(56) од Косово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „употреба на исправа со невистинита содржина“.