„За пет години имаме четири трагедии, 97 жртви и нула дена затвор. Затоа довербата во правосудниот систем на оваа држава е нула. Животите на граѓаните станаа заложници на пазарења и тендери без критериуми. Се виде дека корупцијата убива. Од целиот процес се докажа дека Обвинителството и Судот се дел и бранители на злосторничко здружување која ја држи државата во заложништво“, истакна Елмедина Абдулахи од Иницијативата „За подобро Тетово“
Четиринаесет изгубени животи, вистината да излезе на виделина“, „Четири несреќи, 97 загинати, 0 осудени“, „Правдата е лежана вест во оваа држава“. Ова беа дел од пораките на транспартените со кои повеќе граѓани денеска го искажаа својот револт поради, како што рекоа, незадоволената правда во трагедијата што се случи во тетовската модуларна болница пред две години, а во која животите ги загубија четиринаесет луѓе.
Насобраните граѓани, меѓу кои и роднини на загинатите, својот револт го искажаа пред зградата на тетовското Основно јавно обвинителство и Основниот суд, пред кои видливо беше засиленото полициско обезбедување.
Организатор на денешниот протест во Тетово е Иницијативата „За подобро Тетово“, од која побараа одговорност од надлежните затоа што, како што рекоа, нема соодветни казни за трагедијата во Тетово и другите случаи во кои граѓани на земјава ги загубија животите.
Од Иницијативата побараа итно разрешување на државниот јавен обвинител Љубомир Јовески и на другите обвинители кои работеле на истрагата за трагедијата.
„Бараме разрешување на јавниот обвинител Љубомир Јовески и тој заедно со другите обвинители да одговараат кривично. Бараме да се судат и казнат вистинските виновници, вклучително и политичарите кои спротивно на законот го доделија тендерот за изградба на фирмата ‘Брако’. Нема правда, нема мир“, порача Абдулахи.
Граѓаните присутни на протестот ги залепија и оставија транспарентите и паролите на оградата од Судот.
Денешниот протест во Тетово доаѓа по документарецот на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) насловен „Убиство во Тетово“, кој во неделата се емитуваше на Националната телевизија МТВ и кој предизвика жестоки реакции во јавноста.
Во него новинарите на редaкцијата на ИРЛ обелоденија сведочења и документи, со кои го одмотуваат клопчето околку целиот случај и трагаат по одговорот на прашањето – дали имало или има обид да се сокријат одговорните за трагедијата?
Ова прашање, според ИРЛ, но и според впечатокот кај пошироката јавноста, остана неодговорено, а објавениот документарец нуди индиции за прикривање на документи и дека надлежните не си ја завршиле работата до крај, иако пред себе имале доволно материјал и ангажиран кадар да го сторат тоа.
Инаку, за пожарот во тетовската модуларна болница во судскиот процес кој заврши на 5 јуни оваа година, Основниот суд во Тетово за кривичното дело тешки дела против општата сигурност ги осуди докторите Флорин Бесими и Артан Етеми и правното лице Клиничка болница Тетово. Тие добија затворкси казни од една година и шест месеци, со услов во наредните три години да не го повторат делото.
Ослободителна пресуда судот донесе за докторот Бобан Вучевски, кој се товареше за делото непостапување по здравствени прописи. Заедно со Вучевски, и Клиничката болница е ослободена за делото непостапување по здравствени прописи, а на Клиничката болница ѝ е изречена парична казна од еден милион денари.
Во филмот во копродукција на ИРЛ и МТВ, пак, се открива дека првиот тендер за избор на изведувач на модуларните болници бил поништен поради сомневања на Министерството за локална самоупрва за недоследности во постапката и фаворизирање одредени фирми, по што Владата му ја доверила надлежноста за спроведување на набавката на Министерството за здравство. Лицето кое ја потпишало спорната техничка спецификација, од Министерството за здравство преминало да работи во „Брако“, фирмата која го доби тендерот за изградба на модуларните болници.
Документите што се презентираат во документарецот, како што се наведува, го содржат можеби и најважниот доказ кој покажува дека и Министерството за здравство и изведувачот биле свесни дека објектите се супстандардни. Имено, непосредно по пожарот во Тетово, изведувачот „Брако“ ќе побара од Министерството за здравство повеќе пари за да може да ги зајакне безбедносните стандарди за модуларните објекти кои сè уште се во градба. Во сторијата ИРЛ објави и документи и вештачењата на германските форензички експерти и на електроинженер, кои ги лоцираат причините за пожарот и неговото брзо ширење низ објектот.
Јавното обвинителство и тимот од јавни обвинители кои работеа на предметот поврзан со пожарот во тетовската модуларна болница преку писмено соопштение во понеделникот ги отфрлија наводите во емисијата на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) кои се однесуваат на текот на истрагата за овој случај. Оттаму велат дека во емисијата свесно се врши груба манипулација со информации, со очигледна цел за неоснована дискредитација и без никаков реален интерес да се презентира вистината.
Од Јавното обвинителство ги отфрлија како целосна невистина наводите дека во врска со правната квалификација на делото, односно тврдењето дека поднесеното обвинение воопшто не се однесува на пожарот во модуларната болница. Дополнително, како што посочија оттаму, ниту еден доказ не укажувал на кривичното дело убиство.