Инвестиции во инфраструктурата за Кочани и околината со цел подобрување на животот на жителите
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, попладнево од Мулти-културниот центар во Кочани ја најави програмата за инвестиции во инфраструктурата за Општина Кочани во вредност од 100 милиони евра. Тој нагласи дека средствата ќе се користат исклучиво за проекти кои ќе донесат директна вредност за жителите и ќе го подобрат животниот стандард во регионот.
„Со нашите меѓународни партнери работиме надвор од тековните трансфери што ги финансира централниот буџет за капитални инвестиции во општините, само за Кочани и овој регион да обезбедиме дополнителни отприлика 100 милиони евра, пари што ќе ги вложиме исклучиво во инфраструктурни проекти и проекти што ќе бидат додадена вредност во животите на жителите на Кочани и овој регион. Ќе повторам, тоа е програма што ќе биде надвор од тековните трошења за период од четири години, започнувајќи од 2026 година“, нагласи Мицкоски.
Тој потенцираше дека Владата станува партнер на општините како никогаш досега и дека во последните 15 месеци половина милијарда евра се одвоени за општините од централниот буџет.
„Ова не беше лесно бидејќи мандатот го почнавме со минус на сметката на Владата од 200 милиони евра. Сега сме некаде околу 50-60 милиони евра во плус, ликвидни сме како држава и Влада, ја консолидиравме состојбата и покрај сите предизвици“, додаде Мицкоски.
На трибината беше претставен кандидатот за градоначалник Владко Грозданов, кој истакна дека ќе се посвети на чесна работа и интересите на жителите.
„Проектите за Кочани се напишани, дополни, но не се конечни. Тимови се постојано на терен за да ги слушнат сугестиите од граѓаните и она што им е најпотребно ќе биде вметнато во програмата“, рече Грозданов.
Носителот на листата со кандидати за советници, Александар Андов, потенцираше дека функционален совет е срцето на локалната демократија.
„Со одговорни и посветени одлуки советот ќе биде гаранција дека Кочани ќе прерасне во град на иднината, чист, безбеден, спортски град што ќе биде препознатлив не само во Македонија, туку и надвор од неа“, рече Андов.
Тој најави дека општинскиот совет ќе обезбеди поддршка за повредените во кочанската трагедија, формирање центри за преквалификација и доквалификација преку училиштата и стипендии за учениците кои ја пропуштиле наставата поради повреди.