Обвинение за суровост кон животно

Македонскиот лекар Ненад Цоневски, кој работи во Софија, е обвинет за екстремна суровост кон животно, откако со автомобил го прегазил кучето Маја – милениче на жителите од населбата. Настанот предизвика бурни реакции во јавноста, откако видеоснимка од инцидентот се прошири на социјалните мрежи, пренесува „24 часа.бг“.

Сцената снимена од безбедносни камери

На видеото се гледа како возилото управувано од Цоневски излегува од гаража и го удира кучето со предните гуми. Потоа, лекарот излегува од автомобилот, го погледнува повреденото животно, а потоа повторно се враќа во колата и заминува, оставајќи го на улица.

Суспензија и можен затвор

Според Обвинителството во Софија, Цоневски е обвинет за „намерна суровост кон животно што резултирало со сериозни повреди“, но не и за убиство, бидејќи кучето било еутаназирано подоцна. Ветеринарната експертиза утврдила сериозни повреди на рбетот, со мала можност за опоравување. Додека трае истрагата, Цоневски е суспендиран од Военомедицинската академија во Софија, од каде соопштија дека не толерираат никаква форма на насилство и дека соработуваат со надлежните институции.