АД ЕСМ во ниту еден момент не била повикана во ОЈО ГОКК да даде исказ околу настанатата материјална штета за набавката на мазут во ТЕЦ Неготино
АД ЕСМ најостро и во целост ги отфрла наводите изнесени во денешното соопштение на политичката партија Левица. Станува збор за крајно невистинити, лажни и тенденциозни конструкции кои немаат допирна точка со реалноста, туку служат исклучиво за евтин политички маркетинг и манипулација со јавноста.
Најмногу зачудува фактот што Левица, во својата желба за собирање политички поени, си зема за право веќе да го затвори случајот кој сè уште е во тек. АД ЕСМ веднаш по објавувањето во медиумите на исходот од постапката во ОЈО ГОКК, формираше стручен правен тим кој интензивно работи на подготовка на Приговор до Вишо јавно обвинителство Скопје и барање за Контрола до Републичкото јавно обвинителство.
Компанијата тврди и истото ќе го потенцира во Приговорот – дека постапувачката обвинителка паушално го спровела вештачењето на доказите од кривичната пријава и неосновано ги искривила исказите на инженерите пратени на барање на Обвинителството за да ги образложат од технички аспект механизмите на спроведување на спорната набавка, како изговор за прекин на постапката. Во овој контекст, јасно укажуваме дека лицата повикани во предистражната постапка не биле ниту овластени, ниту компетентни, а најмалку одговорни да даваат коментари за евентуална финансиска штета. Нивната улога согласно барањето на Обвинителката – била единствено да ги образложат техничките процеси при набавката на мазутот и реализацијата на планот за производство на електрична енергија во ТЕЦ Неготино.
Видно од наредбата за запирање на истражната постапка, на овластените технички лица од АД ЕСМ, иако некомпететни во економската област – не им било предочено ниту биле запознаени со вештиот наод и мислење во економската област, иако истиот бил составен пред распитот. На вкрстени прашања од правните застапници на осомничените за време на распитот, техничките лица на АД ЕСМ само констатирале дека вкупните количини на произведена ел. енергија заклучно со април 2023 год. – одговарала на потрошената количина мазут во ТЕЦ Неготино и во тој поглед техничките лица само констатирале дека не била нанесена штета врз планот за производство, без да се елаборира дали потрошената количина била согласно тендерските услови и договорот.
Токму тие технички искази сега се злоупотребуваат за спинување и правдање на Обвинителката дека наводно, Наредбата за запирање на постапката била резултат на изјавата од АД ЕСМ, дека немало настаната материјална штета.
Со тоа всушност, Обвинителството го потврдува вештиот наод и мислење од економско-финансиска област, поклонувајќи верба на искази на некомпетентни лица во областа, наместо вештиот наод и мислење да го достави до АД ЕСМ како оштетена страна за да може Компанијата преку своите компетентни лица во областа – да се произнесе по истиот.
АД ЕСМ, како директно оштетена страна, во ниту еден момент не беше повикана од ОЈО ГОКК официјално да се произнесе врз основа на своите прецизни финансиски анализи, за реалната штета поради која и беше почната постапката.
Напротив, направена е суштествена повредена на постапката бидејќи вештите наоди и мислења никогаш во текот на постапката не биле доставени до АД ЕСМ од страна на Обвинителството, туку биле доставени дури по запирање на постапката.
Од тука, срамен е обидот на Левица да гради политичка конструкција врз основа на паушални аргументи искористени како правдање од Обвинителството за стопираната постапка, да пласира дновно-популистички напади и обвинување кон раководството на Компанијата. Апелираме до сите политички субјекти да се воздржат од коментари и заклучоци, за предмет кој сè уште не е правно завршен. АД ЕСМ останува на линија на законот и со сите можни законски алатки ќе се бори за правда и надомест за претрпена финасиска штета.
