Акционерското друштво за приредување игри на среќа – Државна лотарија на Македонија најостро реагира на дел од медиумските написи во кои се тврди дека Државниот завод за ревизија утврдил значителни неправилности во финансиското работење на Друштвото за 2024 година, без притоа, како што наведуваат, да се направи јасна разлика помеѓу периодот на управување на поранешното и на актуелното раководство.

Од Државна лотарија оценуваат дека објавените наводи се неосновани, тенденциозни и нецелосни, бидејќи не е направена временска и управувачка разграниченост помеѓу периодот кога Друштвото било управувано од претходното раководство на СДСМ и ДУИ и периодот на работа под новото раководство. Според нив, ваквиот пристап создава погрешна слика во јавноста и доведува до манипулативно поврзување на констатации од различни временски периоди, што, како што наведуваат, претставува сериозно отстапување од принципите на објективно, точно и одговорно информирање.

Од Државна лотарија посочуваат дека новото раководство веднаш по преземањето на функцијата проактивно и транспарентно се обратило до Државниот завод за ревизија, со официјално барање поднесено на 12 септември 2024 година, со кое било иницирано спроведување целосна ревизија на финансиските извештаи и на целокупното работење на Друштвото.

Целта на ова барање, како што се наведува, била утврдување на фактичката состојба, идентификација на евентуални неправилности наследени од претходното раководство, како и воспоставување засилен систем на финансиска дисциплина, отчетност и законитост.

Во тој контекст, од Друштвото оценуваат дека селективното пренесување на поединечни делови од ревизорскиот извештај, без јасно наведување на временската рамка и одговорното раководство, претставува недозволива медиумска интерпретација која директно го нарушува угледот на Државна лотарија и на актуелното раководство.

Редакцијата на МКД.мк објави текст во кој има линк кој води до Извештајот на Државниот завод за ревизија и во кој точно е утврдена временската рамка за која се изготвени забелешките. Државниот завод за ревизија соопшти дека за сите утврдени неправилности дал конкретни препораки, а за сомнежите за незаконско работење и злоупотреба на средства ги известил надлежните органи за понатамошно постапување.

Извор: Expres