– Ваквите состојби придонеле да се остварат значајни разлики во постигнатите цени за исти или слични стоки кај институциите и постои потреба за подобрување на транспарентноста, отчетноста и законитоста во планирањето, спроведувањето и реализацијата на постапките за јавни набавки за превенција и заштита од корона вирусот Ковид-19, се наведува во соопштението на ДЗР.
Заводот извршил ревизија на усогласеност на тема „Доделување на договори за јавни набавки од страна на институциите во јавниот сектор со цел заштита и превенција од пандемијата предизвикана од корона вирусот – Ковид-19“, за периодот од 1 март до 1 октомври 2020 година, иако некои прашања и настани се опфатени и последователно до денот на известување од извршената ревизија.
– Со ревизија беа опфатени 19 институции од различни дејности и региони во РСМ кои во периодот од 01.03.2020 година до 01.10.2020 година доделиле материјално значајни договори за јавна набавка во насока на превенција и заштита од Ковид-19, а дел од нив биле директно инволвирани во справувањето со пандемијата. Податоците за висината на доделените договори за јавна набавка се преземени од ЕСЈН и веб страната www.koronavirus.gov.mk која претставува алатка за финансиска транспарентност на Владата на Република Северна Македонија. Во периодот од 01.03.2020 година до 01.10.2020 година доделени се договори за јавни набавка во износ од 416,6 милиони денари, се додава во соопштението.
Од ДЗР информираат дека предмет на ревизија биле склучени договори за јавни набавка во износ од 335,4 милиони денари што претставува 80,5 отсто од вкупно доделените договори за јавна набавка во периодот кој е предмет на ревизија.
– Со извршената ревизија, ревизорите утврдиле дека 88 проценти од реализираните јавни набавки се спроведени со користење на постапката со преговарање без објавување на оглас. Во отсуство на прецизно дефинирање на критериуми за “итноста” на набавките и видот на стоки, услуги и работи кои можат да се набавуваат во време на вонредна/кризна состојба не може да се потврди во целост оправданоста на итноста на дел од постапките. Воспоставениот начин на спроведување на постапките со преговарање без објавување на оглас не овозможува еднаков третман и конкуренција помеѓу економските оператори. Имено, за дел од постапките за јавни набавки спроведени се преговарања со еден економски оператор, се додава во соопштението.
Во извештајот се наведува дека не се преземени активности за изготвување на упатства и обрасци на стандардна тендерска документација и техничка спецификација со кои ќе се унифицираат правилата на спроведување на набавките кои имаат итен карактер како и карактеристиките на стоките предмет на набавка.
– Поради наведеното и покрај тоа што во Одлуките за јавна набавка се дадени образложенија дека набавките се спроведуваат со цел превенција и заштита од Ковид 19, дел од набавените стоки се и за потребите на редовното функционирање на институциите, при што се доделени договори/рамковни спогодби во времетраење од една година кои не се реализирани во целост. Дополнително, договорните органи спроведувале јавни набавки од крајна итност и во период кога можело да биде спроведена редовна постапка за јавна набавка. Преку извршената анализа на спроведените постапки за периодот од 01.10.2020 година до 28.02.2021 година е утврдено дека по основ на спроведени јавни набавки поради итност, доделени се договори во износ од 88 милиони денари, посочиваат од ДЗР.
Во делот на планирањето на јавните набавки, како една од најзначајните фази во постапките за јавни набавки, се посочува во соопштението, договорните органи поради итниот карактер на набавките не ја вршеле фазата на планирање на постапките навремено и според потребите, што пак влијаело да се достават покани за преговарање до помал број на економски оператори, без детална анализа на видот и количините на средства и опрема за заштита достапни на пазарот.
Според ДЗР, во отсуство на јасно дефинирање на карактеристики на заштитната опрема која треба да ја користи медицинскиот персонал во ЈЗУ на пазарот се појавиле и се набавувале различни видови на опрема за кои постои ризик дека не поседуваат карактеристики и квалитет за соодветна заштита и превенција во работните процеси кои се одвиваат во време на пандемија.
– Ревизорите утврдија: за исти или слични стоки во различни институции се постигнати различни цени, а варијацијата на цени кај определени стоки достигнува значителни разлики и неусогласености помеѓу доделените договори за јавни набавки и тендерските документации и техничките спецификации, што го отежнува следењето на реализацијата, дали фактурираните цени соодветствуваат со договорените, информираат од ДЗР.
Заводот посочува и дека не е донесена одлука од надлежните органи со која ќе се задолжи една институција за централизирано/групно спроведување на јавните набавки за потребите институциите во јавниот сектор, можност предвидена во член 61 став 7 од Законот за јавните набавки.
– И покрај тоа што во периодот на траење на вонредната состојба се донесени Уредби за интервентни набавки на маски и ракавици, со кои се предвидени максимални цени и количини на овие стоки како и една институција која треба да ги спроведе набавките, не се преземени активности за постапување по истите. Со цел системот на јавни набавки да се подготви за идните предизвици и справување на надлежните органи со слични кризи и пандемии потребно е надлежните институции во натамошниот период да преземат мерки во насока на заштита на здравјето и животот на граѓаните при што е потребно дополнително да се регулира процесот на јавните набавки, се додава во соопштението на ДЗР.