Пратеникот Скендер Реџепи кој пред два дена ја напушти Алтернатива и одлучи да делува како независен, вели дека и понатаму ќе продолжи да го поддржува владејачкото мнозинство.
-Се додека Владата ќе се заложува да го започне реализирањето на програмскиот договор со Алтернатива, јас ќе бидам тука со убедување дека има и време и капацитет да се реализира истата, изјави пратеникот Реџепи.
Тој за Телма вели дека одлуката не била лесна, но била неминовна.
-Јас чекав тесното раководство на партијата да донесе одлука со која ќе се подобри досегашното едноумие во партијата, но тие со последните одлуки, го продлабочија тоа едноумие, поради што неизбежна беше мојата одлука за независно политичко делување, изјави Реџепи.
Реџепи вели дека нема да биде заложник на политичко раководство кое ја преполовила гласачката сила на партијата.
-Лично или приватно несогласување со никого не сум имал потреба да имам, но не сум дозволил да бидам заложник на едно политичко раководство која за помалку од една година ја преполови гласачката сила на партијата, вели Реџепи.
Пратеникот Реџепи вели дека е болно независното делување во Собранието, затоа што си заминал од партијата од која самиот тој е основач.