Во Казахстан денеска се одржува референдум за промена на Уставот, со што би се ставило крај на ерата на поранешниот претседател Нурсултан Назарбаев и неговиот клан, кои владеат со земјата 30 години.

Реформата на Уставот предвидува промена на околу една третина од членовите на основачкиот документ. Конкретно, на поранешниот претседател Нурсултан Назарбаев (81) ќе му биде одземена титулата „Лидер на нацијата“, статус што му дава значителна моќ. Друга измена предвидува дека роднините на лидерите нема да можат да извршуваат важни владини функции. Исто така е предвидено Парламентот да добие повеќе ингеренции и да се ослабне извршната власт.

Референдумот уследи по немирите и протестите во јануари, за кои точните причини остануваат нејасни. Во насилните протести беше опустошен центарот на Алмати, но поштеден беше Нур Султан, градот именуван по Назарбаев во 2018 година.

Претседателот на Казахстан, Касим-Жормат Токајев тогаш ги обвини терористите дека се обидуваат да ја преземат власта. Но, по кризата, тој го критикуваше Назарбаев, обвинувајќи го дека сака да ги заштити богатите. Внукот на Назарбаев беше уапсен во март и обвинет за проневера. А за време на немирите, беше уапсен шеф на Советот за национална безбедност Карим Масимов, близок соработник на со Назарбаев

Токајев во април се заложи за организирање на референдум за промена на Уставот, што, според него би довело до воспоставување на „втора Република“.

– Референдумот треба да ја покаже посветеноста на земјата кон демократските принципи, изјави претходно Токаев, додавајќи дека со измена на една третина од Уставот, Казахстан ќе добие претседателски систем со силен Парламент.