2025 беше година на суштински, а не козметички промени во Министерството за јавна администрација
Во пресрет на новогодишните празници, Министерството за јавна администрација одржа брифинг со претставници на медиумите, на кој беа сумирани досегашните активности и најавени клучните чекори што следуваат во реформските процеси. Министерот Горан Минчев пред новинарите ги истакна постигнатите резултати, но и приоритетите што ќе го одбележат наредниот период.
Средбата беше искористена за отворена комуникација со медиумите, при што се разговараше за текот на реформите, предизвиците во јавната администрација и очекувањата од новите законски решенија.
Министерот Минчев посочи дека изминатата година била посветена на системски промени со цел создавање професионална, ефикасна и департизирана администрација, усогласена со европските стандарди.
„Наша обврска кон граѓаните и кон јавноста е да бидеме прецизни и одговорни, и за сработеното и за тоа што следува. 2025 година беше година на суштински, а не козметички реформи во јавната администрација,“ нагласи Минчев.
Законски реформи, дигитализација и јакнење на човечките ресурси
На брифингот беа презентирани и конкретните чекори што веќе се реализирани, меѓу кои донесувањето на системски закони од областа на јавната администрација, унапредувањето на управувањето со човечките ресурси, јакнењето на капацитетите на административните службеници, како и процесите на дигитализација и зголемување на транспарентноста и отчетноста на институциите.
Министерот на крајот им се заблагодари на медиумските работници за нивниот интерес и професионален пристап, посакувајќи успешна нова година и продолжување на соработката и во 2026 година. Од Министерството порачаа дека заложбата за отвореност, транспарентност и партнерски однос со јавноста останува приоритет и во периодот што следува.
