Новиот Закон за Судски совет носи правила за избор, отчетност и транспарентност во судството
Со 73 гласа „за“ и еден „воздржан“, Собранието го донесе новиот Закон за Судски совет, со кој се воведуваат суштински измени во начинот на функционирање на оваа институција и се зајакнуваат механизмите за јавност, одговорност и дисциплинска постапка во судството.
Заменик-министерот за правда Ален Деребан посочи дека законот претставува значаен чекор во реформите на правосудниот систем и е резултат на транспарентен и инклузивен процес.
„Со 73 гласа ‘за’ и 1 ‘воздржан’, Собранието го донесе Законот за Судски совет“, наведе Деребан, потенцирајќи дека со новото законско решение се уредуваат повеќе клучни прашања поврзани со работата на Советот.
Јасни критериуми и поголема јавност во постапките
Со Законот за Судски совет, како што информира Деребан, се предвидува поголема јавност и транспарентност при изборот и разрешувањето на членовите, како и утврдување јасни критериуми за избор на „истакнат правник“.
Законот воведува и јавни расправи при изборот на несудските членови на Советот, што, според надлежните, треба да придонесе за поголема отчетност и доверба во процесите.
Посилна одговорност и усогласување со ЕУ-препораките
Новото законско решение предвидува и посилни механизми за одговорност, како и поефикасни дисциплински постапки за судиите и членовите на Судскиот совет, со задолжителни образложени одлуки и јасно утврдени рокови.
„Законот беше подготвен преку целосно транспарентен процес со експерти, јавни консултации и препораки од Европската комисија и Венецијанската комисија“, нагласи Деребан.
Тој оцени дека реформите што се спроведуваат ќе придонесат Судскиот совет да стане стабилен столб на владеењето на правото.
„Со реформите што ги преземаме, Судскиот совет ќе биде силен гарант на владеењето на правото и довербата во судството“, истакна заменик-министерот за правда.
